Momata Rock Trail 20 е планинска трка со динамичен интензитет, пред сè поради својата должина од 20 километри, и релативно предизвикувачки висински профил со вкупна позитивна надморска висина од 1.100 метри.

Лоцирана е на западната падина и дел од сртот на Селечка Планина, по делници кои истовремено нудат одличен терен за планинско трчање и услови за прекрасни глетки на околината од Прилеп со остатокот од неговите планински и врвични горделивци, од едната страна, и дивата убавина на мариовскиот „згаснат вулкан“ од друга страна, со раскошен поглед кој се протега до планините Ниџе и Кожуф, кога се движите по секторот кој е трасиран по сртот од Селечка.

momatatrails

Почетокот на патеката е сместен во преддворјето на манастирот „Свети Димитрија“, над село Селце, во долниот дел од пазувите на Селечка, среде јаркиот воздух прочистен од боровата шума околу и над манастирот.

Потоа, по комбинација од благи и нагорнини и надолнини, се заобиколува ридот Топташ. За после тоа патеката да почне да навлегува во висински најинтензивниот дел, упатувајќи се кон планинарскиот дом „Томе Темелкоски“. Овој воедно и најдинамичниот искачувачки дел од трката, кој поминува и покрај култната карпа „Момата“ по која и оваа патека го носи името. Оваа делница се одликува со карпест предел, но со одржана патека која ќе биде дополнително поддржана со маркации. Од неа се пружа еден од најубавите погледи кон вгордеаните шумско-карпеси падини на Селечка.

momata-trails

Во дворот од планинарскиот дом „Томе Темелкоски“ е лоцирана втората контролна точка на трката, и вториот освежителен пункт. После тоа следува еден краток рамен дел и брз спуст накај месноста Казанташ. А потоа и последниот искачувачки дел од таа делница, по кој се стигнува до сртот од Селечка, со искачување на 1.568 метри високиот врв Ќуле, по што патеката се упатува во јужен правец, по релативно рамен терен.

По завршувањето на оваа делница од патеката, следува спуст кон местото наречено Дуна Нива, своевиден превој помеѓу Селечка и нејзиниот братски огранок, ридот Мечка. Од овој дел спустот по добра патека продолжува до месноста над селото Селце, од каде патеката скршнува во десно и завршува во манастирското преддворје, на стартно-целниот пунктум.

Организаторите ве замолуваат за време на трката првенствено да се држите и ориентирате според физичките маркации (црвено-бели ленти) на терен. Нормалните GPS отстапки кои се неизбежни на терен може да ве одведат на друга патека, бидејќи селечка планина изобилува со мноштво планинарски и дрварски патчиња кои често се вкрстуваат или движат паралелно, а потоа продолжуваат во различни правци. За да нема непријатни ситуации од типот фаќање погрешен правец, грешење на патеката, губење и слично, најдобар ориентир на „Момата 20“ биле и ќе бидат маркирните ленти.

markacija

  • Должина на патеката: 20 километри
  • Позитивна денивелација: 1100 метри
  • Највисока точка на патеката: 1564 м.н.в
  • Најниска точка на патека: 729 м.н.в
  • Просечна н.в: 1100 метри
  • Старт: 9 часот
Котизација: 400 денари
Напомена: табелата се обновува на секои 5 минути.
Затвори